Skip to content
Одбери крајОдбери крај
  • 0

    Cart

    No products in the cart.

  • Семејно насилство
    • Што е семејно насилство?
    • Заштита од семејно насилство
    • Изјави на жртви
  • Пријави и побарај помош
    • Центар за правна помош
    • Водич за постапување
    • Национална стратегија
    • Закони и подзаконски акти
    • Протоколи за постапување
  • Кампањи
    • Печатени материјали
  • Истражувања и извештаи
  • Донирај
  • Вести
  • Контакт

Што е семејно насилство

 

Под семејно насилство се смета однесување на член на семејството кој со примена на сила, закана и заплашување врши телесни повреди, емоционална или сексуална злоупотреба и материјално, сексуално или работно искористување на друг член на семејството.

Како семејно насилство се смета однесување сторено:
  • од едниот брачен другар врз другот брачен другар, кои живеат или живееле во брачна или вонбрачна заедница или во кој било вид на заедница како семејство или ако имаат заедничко дете;
  • меѓу браќа и сестри, полубраќа и полусестри;
  • над дете;
  • над постари членови на семејството и
  • над лица-членови на семејството чија деловна способност е делумно или целосно одземена
    (дефиниција за семејно насилство КЗ на РМ, чл.122 ст.17)
Под семејно насилство се подразбира малтретирање, грубо навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психичко или физичко насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв спрема брачен другар, родители или деца или други лица што живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема поранешен брачен другар или лица што се наоѓаат во блиски лични односи.

Семејното насилство се одредува како збир на однесувања со цел да се воспостави контрола над другите преку примена на сила, застрашување и манипулирање. Таквото одредување се однесува на најчестите облици на насилство во семејството: телесно злоставување, емоционално злоставување, сексуално злоставување и материјално/работно искористување.

Семејното насилство секогаш претпоставува злоупотреба на моќ во релации кои се темелат на нееднаквост.

Тоа не е нова појава и веројатно постои одсекогаш. Клиничките искуства и емпириските истражувања укажуваат дека, семејството како темелна единица на општеството не е само поддржувачко окружување кое овозможува емоционална, социјална и материјална поддршка на нејзините членови, туку може да биде и насилно опкружување во кое најбрутално се кршат темелните човечки права.

Со истражувањата се утврдени неколку неспорни факти:

  • Поединецот може да биде изложен на насилство во семејството во текот на целиот свој живот, од детството до длабока старост. Најчести жртви на семејно насилство се жените, децата и старите лица
  • Насилството во семејството вклучува широк опсег на загрозувачки однесувања кои еден член од семејството ги користи за да воспостави моќ и контрола над друг член во семејството или да задоволи некои свои потреби на сметка на другиот. Затоа, во секој поединечен случај насилството претставува кршење на темелните човекови права.
  • Последиците од изложеноста на насилство се многубројни и битно влијаат на менталното здравје на оние кои се изложени директно, но и на оние кои се набљудувачи на насилството. Најчести последици се: ниско самопочитување, напнатост, депресивност, агресивност, обиди за самоубиство, зависност, нестабилност во партнерските релации, како и намалено работно функционирање и др.
  • Семејното насилство може да се објасни единствено преку интерактивно делување на поголем број фактори кои се групираат на три нивоа: индивидуални карактеристики, карактеристики на семејството и карактеристики на пошироката општествена заедница
  • Постои јасна поврзаност помеѓу присуството на насилство во семејството и количеството на насилство во општеството, вклучувајќи го и насилството прикажувано на разни медиуми.
  • Постои меѓугенерациски пренос на насилство во семејството. Количината на насилство доживеана во детството придонесува во развивањето и користењето на насилство во возрасно доба.

ВИДОВИ НА СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО

Психичко насилство

Контрола, изолација, љубомора и емоционални страдања на жената, состојба што жените ги навредува или сопругот се однесува кон неа на начин таа да се чувствува лошо, доминација на мажот во семејството дека неговиот збор треба да биде последен, заплашување,  заканување дека ќе ја повреди неа или блиски луѓе, спречување да работи надвор од домот, омаловажување или понижување пред другите, барање дозвола  да побара здравствена заштита , инсистира да знае каде е и со кого цело време.

Физичко насилство

Употреба на физичка сила или, пак, закана дека истата ќе биде употребена врз жената од страна на нејзиниот брачен (сегашен или поранешен) сопруг или вонбачен партнер или од друг полнолетен член од нејзиното домакинство.

Сексуално насилство

Силување, несакан сексуален однос, понижувачки сексуален однос, присила на гледање на порнографски филмови и подведување.

Кој е жртва


Жртва на семејно насилство може да биде кој било член на семејството, без оглед на пол и возраст.

КАРАКТЕРИСТИКИ  НА ЖРТВИТЕ И СТОРИТЕЛИТЕ НА ПАРТНЕРСКО НАСИЛСТВО

Злоставуваните жени и мажите насилници ги карактеризираат низа заеднички обележја. Врз основа на разни истражувања, утврдени се повеќемина од кои најважни се:


Карактеристики на жени жртви на насилство:

1.      Ниско самопочитување со подценување на сопствените способности да превземат нешто
2.      Веруваат во сите митови за насилните односи
3.      Традиционални ставови за половите улоги во семејството
4.      Верување дека можат да го спречат бесот на злоставувачот, ја прифаќаат одговорноста за неговите постапки
5.      Покажуваат сериозни стресни реакции и психосоматски тешкотии
6.      Го користат сексот како начин на воспоставување блискост
7.      Веруваат деке никој не може да им помогне во решавањето на тешката ситуација
8.      Долготрајно поднесување на страдање, фрустрираност, пасивно го прифаќаат однесувањето на насилникот со насочување на лутината кон себе
9.      Неограничена трпеливост во очекување на “волшебна комбинација” за решавање на брачните проблеми и насилство
10.   Постепена социјална изолација, вклучувајќи загуба на контактот со семејството и пријателите
11.   Безуспешни во уверувањето на партнерот за својата лојалност и немоќни пред обвинувањата дека се однесуваат “заводливо”
12.   Постепена загуба на чувството за сопствените граници, неспособност за процена на заканата, прифаќање вина
13.   Верување дека привременото прифаќање на насилството води до долготрајно решавање на проблемот
14.   Историја на злоставување во семејството, како очевидци или како директни жртви
15.   Учествуваат во воспоставување на хиерархија при одредувањето кое е прифатливо ниво на насилство  за кои “пропусти”
16.   Често размислување за самоубиство, историја на обиди за самоубиство, чести желби партнерот да е мртов, изложеност на убиство во самоодбрана

–
 
 а или здравствените институции.

–   Активно реша
 
Злоставуваните жени и мажите злоставувачи поделуваат многу заеднички обележја – од ниско самопочитување до низа ирационални уверувања. Нагласувањето на сличностите нема за цел да се намали одговорноста на сторителите на семејно насилство, туку има за цел општественото делување да го насочи не само кон жртвата, туку и кон злоставувачите, кон нивно поттикнување да ја превземат одговорноста за своето однесување и да усвојат ненасилни начини на изразување на емоциите и покажување на сопствената моќ. За таа цел во светот постојат посебно дизајнирани програми за промена на насилното однесување на насилниците.Прифаќаат децата да се заложници на односите, чувство на немоќ да ги заштитат децата


Ставови на жртвата кон насилството:
Различните ставови на жените кон насилството во семејството се препознаваат според изборот на однесување:
    1. Негирање на проблемот – сметаат дека не постои проблем, па оттаму и не треба да се бара решение. Жените кои го одбираат овој приод често развиваат несоодветни здравствени однесувања како што е прекумерно земање лекови (особено седативи), прекумерно пиење алкохол, пушење, претерано или недоволно земање храна.
    2. Преобликување на проблемот – вклучува очекувања дека ќе биде подобро, бидејќи постои љубов, заеднички живот, деца и сл.
    3. Самообвинување и барање оправдувања – еден дел од жените кои секојдневно трпат насилство, подготвени се да го оправдаат насилството на партнерот со изјави од типот: Можеби самата предизвикувам невољи, тој има таков табиет, прекрасен е кога не пие, само да му покажам колку го сакам ќе престане да ме тепа.
    4. Самоконтрола и контрола на другите – со цел да се прилагоди на постоечката состојба, жените често завземаат став дека насилникот е предизвикан, па затоа внимателно одбираат постапки и зборови во комуникацијата. Често тоа се однесува и на децата кои треба да се тивки додека таткото спие и сл.
    5. Барање на социјална потпора – некои жени бараат поддршка во кризни ситуации и тоа повеќе од роднини и пријатели, отколку од професионалните служби како што се центрите за социјална работвање на проблемот – некои жени во својата прилагоденост на секојдневната состојба на насилство, наоѓаат и имаат скриено решение кое ќе им помогне во кризна ситуација. Најчесто, тоа е план каде и како да се оди ако ситуацијата стане опасна, ако насилникот ја загуби контролата или дотогашните однесувања не дадат резултат.

Жените кои се изложени на насилство во семејството, развиваат различни механизми на одбрана и секојдневно преживување. Тие претставуваат нивни начин на решавање на проблемот. 


Механизмите на преживување вклучуваат:
  1. Развивање на одредена симпатија кон насилникот, негово заштитување или оправдување на неговото однесување. На луѓето од надвор, тешко им е да го разберат ваквото однесување и причините поради кои жените не дозволуваат на другите да го пикаат носот во туѓи лични работи.
  2. Развивање на крајна пасивност, при што на секое барање на насилникот се одговара веднаш, без протест. Ова ги вклучува и опоменувањата на децата да не предизвикуваат агресија (тишина додека тато спие) или нивно повикување да го слушаат, бидејќи така е обезбедена нивната сигурност.
  3. Функционирање како автомат, без самостојност во доживувањата, размислувањата или активностите. Жената себе си се доживува како средиште околу кое се задоволуваат барањата и потребите на насилникот.
  4. Злоставување на децата, како израз на личната немоќ да се спротивстават на насилникот кој најчесто е посилен. На децата е можно да се истури наталожениот бес.
  5. Користење на секундарна добивка, здобивање со дополнителни отстапки во други подрачја на семејниот живот, на пр. емпатија од поширокото семејство, изговори, каење и подароци од насилникот после злоставувањето и сл.

Кој е насилник


Сторител
на семејно насилство може да биде: брачниот или вонбрачниот другар, поранешениот брачен или вонбрачен другар, лицето кое живее или живеело во заедница со лицето жртва на семејно насилство, лице со кое се има заедничко дете или лице кое е поврзано до четврти степен на крвно сродство и втор степен по сватовство со овие лица, или се со нив во брачна или вонбрачна заедница или во друг вид на заедница на живеење.

Карактеристики на мажи сторители на насилство:
  1. Веруваат во сите митови за насилните односи
  2. Традиционални ставови за машката супериорност, стереотипен поглед на машката улога во семејството
  3. Другите ги обвинуваат за сопственото однесување
  4. Сериозни стресни реакции, начин на соочување со стрес, користење алкохол и насилство
  5. Често го користат сексот како акт на насилство
  6. Заради насилството не треба да трпат никакви негативни последици
  7. Слаба контрола на импулсите, низог праг на фрустрации, експлозивен и непредвидлив темперамент, лесно “влегуваат” во бес, постојано ја изразуваат, но и прикриваат лутината
  8. Слаба способност за одложување на задоволството, силно ориентирани на “сега”
  9. Контактот со партнерот го опишуваат како најблизок од кога и да е, остануваат во контакт со своето семејство
  10. Нагласено љубоморни, контролирачки, чести обвинувања за неверство, нагласен страв од отфрлање или “неверство”
  11. Ги рушат личните граници на партнерката, отфрлаат одговорност за брачните, семејните или работните неуспеси или своето насилно однесување, немаат чувство на вина
  12. Верување дека заканувачкото однесување го чува семејното јадро и дека тоа го прават за доброто на семејството
  13. Историја на насилство во семејството, како деца сведоци на насилството на татковците или и самите биле жртви
  14. Учествуваат во воспоставувањето на хиерархијата на насилството
  15. Воспоставува контрола над партнерката со закани дека ќе се самоубие кога таа се обидува да го напушти
  16. Често ги користат децата како заложници и начин на контрола во врската

Злоставуваните жени и мажите злоставувачи поделуваат многу заеднички обележја – од ниско самопочитување до низа ирационални уверувања. Нагласувањето на сличностите нема за цел да се намали одговорноста на сторителите на семејно насилство, туку има за цел општественото делување да го насочи не само кон жртвата, туку и кон злоставувачите, кон нивно поттикнување да ја превземат одговорноста за своето однесување и да усвојат ненасилни начини на изразување на емоциите и покажување на сопствената моќ. За таа цел во светот постојат посебно дизајнирани програми за промена на насилното однесување на насилниците.

 

Типови на насилници:

Наспроти уверувањето дека сите насилници се исти, бидејќи сите барем понекогаш физички ја злоставуваат партнерката, важно е да се знае дека постојат различни типови на насилници. Се работи за сосема различни личности и различна мотивација. Како што постојат разлики меѓу луѓето, така постојат разлики и меѓу лицата кои се насилни кон своите партнерки. Тие се видливи во самото насилно однесување, кое е, на пример, полесно или потешко, почесто или поретко, ладнокрвно со цел да се владее со жртвата или направено во афект. Токму таквото, за одредено лице специфично изразување на насилство, секогаш е одраз на одредена, специфична психолошка позадина, одредена личност на насилникот.

Направени се повеќе истражувања со намера да се утврдат типовите на насилници и повеќето авторитети во оваа област се сложуваат дека постојат три основни типови на насилници.


Врз основа на три дескриптивни димензии се разликуваат:
  1. Според тежината и фрекфенцијата на насилството:

Пасивно – зависни, преконтролирани (50%)
  • 50% ако примерокот го сочинуваат сите насилници ( не само казнуваните и оние што побарале третман
  • Најмалку користат тешко физичко насилство, спорадично
  • Без дијагностицирано ментално или пореметување на личноста
  • Злоупотреба на алкохол – иста како и кај ненасилници
  • При третман покажуваат нагласена сервилност
  • Често потиснување на лутината, преголема контрола на негативните емоции, по подолго потиснување  –  експлодираат при стресно доживување
  • Прекумерно контролирани поединци, во многу спротивни на стереотипната слика за насилник
  1. Според универзалноста на насилството (насилни само дома или и кон надвор)

Циклични (25%)
  •  Гранична организација на личноста: слабо формиран идентитет, страв од напуштање кој ја условува лутината (последица на рана траума од родителско злоставување и отфрлање, незадоволен татко и амбивалентна мајка) неспособност за формирање на стабилна, доверлива приврзаност со интимната партнерка
  • Емоционална превртливост – др.Џекил и мр. Хајд”
  • Циклично менување на насилството и медениот месец
  • Неиздржлива внатрешна напнатост (независна од надворешни дразби), автоматско пренасочување кон надвор, кон најблискиот -партнерката
  • Надворешно – угледни граѓани со вообичаен социјален живот со пријателите
  • Активирање на мрачната страна на личноста – при формирање на интимна врска, се јавува загрозеност, страв од отфрлање
  • Психолошка зависност од партнерката – љубомора и контрола, како начини за осигурување
  • Стравот се прикрива со лутина – трајна напнатост која циклично се празни
  • Мирни периоди после секое празнење, до следното насобирање на напнатост
  • Социјалното учење – каков облик ќе има злоставувањето, од емоционално до тешко претепување
  • Програмирани за насилници во интимните врски
  • Насилност кон надвор – во функција на контрола на партнерката од надворешни влијанија
  • Најмногу психолошки пречки, депресивни и анксиозни симптоми
  • Изразена, силна приврзаност на жртвата, себеобвинување за експлозиите.

ТРАУМАТСКО ВРЗУВАЊЕ
– последица на цикличното злоставување во кое се сменуваат позитивното поткрепување и трауматизацијата
  1. Според психопатологијата на насилникот(присуство на пореметување на личноста)

Психопатски (25%)
  • Антисоцијални, психопатски личности, насилни и надвор од дома
  • Шармантни, манипулативни, со закани и насилство постигнуваат свои цели
  • Основа на пореметувањето – агресивен нарцизам, себе си се доживуваат повредни од другите, другите се средства до целтта
  • Со дијагностицирано пореметување на личноста, честа злоупотреба на алкохол и  судири со законот
  • Извршуваат најтешки и најчести насилства
  • Емоционален дефицит, хронично антисоцијално однесување
  • Специфично физиолошко реагирање: намалување на пулсот за време на извршување на насилството
  • Отпорност, повратништво при третман

Фактори на влијание


Податоци од истражувањето за семејно насилство: Живот во сенка, 2007   

  Иако насилството врз жените во никој случај не може да се оправда – било да е реакција на одреден настан или последица на присуство на одредени околности, сепак, за подобро разбирање на појавата, од испитаничките  беше побарано да го идентификуваат настанот, кој вообичено, претходел на насилството.

Како најчеста причина за насилството врз жените, според нивните искази, е алкохолизмот (види табела бр.). Речиси секоја трета жена (28,9%) која изјавила дека трпи насилство, потенцирала дека на насилството му претходело пијанство на насилникот. Како втора  по зачестеност причина за насилство, жените ја наведуваат љубомората на партнерот (16,8%), а речиси исто толку ги посочуваат и проблемите со парите (15,6%), како причина што претходела на насилството. Интересно е дека, дури 11,3% од жените што пријавиле насилство не можеле да идентификуваат причина  што претходела на насилството, односно навеле дека немало причина за насилството.  Ова се чини како најсериозна ситуација за жените, бидејки не може да ја препознаат ситуацијата после која следи насилството и на таков начин, барем малку да се заштитат од него. Како причина за насилство во семејството се идентификувани проблеми со семејствата на сопрузите, што беше посочено од 10,1% од испитаничките. Другите околности, кои од страна на жената се наведени како причини за насилството, многу помалку се застапени (види табела бр.1).

 

Табела бр.1 – Причини за насилство врз жените

Причина

%

1. Пијан

28.9

2. Проблеми со пари

15,6

3. Проблеми на работа

 3,1

4. Невработен

 1,6

5. Нема храна дома

 3,1

6.Проблеми со семејствата на сопрузите

10,1

7. Љубомора

16,8

8. Одвивање на сексуален однос

 3,9

9. Непослушност

 3,5

10.Друго

 1,9

11.Без  причини

11,3

Вкупно

100.0

 

Учеството на алкохолот во насилството

При идентификувањето на најчестите причини што му претходеле на насилството, кои беа посочени од страна на испитаничките, беше констатирано дека тоа е алкохолот (пијанството на насилникот).Со 28.9% од исказите на жените, тој е рангиран на прво место. На прашањето за последниот настан на насилство, дури во 42,0% од случаите насилникот бил под дејство на алкохол во време на насилството,  1,1% од жените изјавиле дека насилникот бил под дејство на дрога, а 2,2% дека насилникот бил и под дејство на алкохол и под дејство на дрога.  Интересно е дека 42,1% од насилниците не биле под влијание на алкохол или дрога, односно под  средства кои можат да влијаат врз нивното однесување, особено манифестирано преку насилство.

Учеството на алкохолот во насилството е несомнено. Меѓутоа, дека тоа не е карактеристика само на нашите простори говори и постоењето на медицинската теорија, за која се говореше во делот на теоретскиот пристап, а која се однесува на улогата на алкохолот во насилството. Според оваа теорија, за една група теоретичари алкохолот е единствена причина за насилството, а за другата група на приврзаници на истата, алкохолот е само една од причините за насилството. Наш став е дека алкохолот придонесува за насилството во бракот, но не може да се смета за негова основна причина, бидејќи во прашање е сложена и комплексна појава. повеќе факторски детерминирана.

 

Употребата на оружје за време на последниот инцидент

Постоењето и употребата на оружје за време на насилството значи и реално загрозување на животот на жената. Секоја девета жена од жртвите на насилство пријавила дека, за време на последниот инцидент, имало и присуство на оружје.


Табела бр.2
– Дали насилникот користел оружје

Оружје

2000г.

%

2006г.

%

1.Да

5.5

12.8

2.Не

88.1

72.7

3.Не знае

1.0

5.6

4.Одбива да одговори

5.5

7.8

Вкупно

100.0

100.0

 

Компарирањето на резултатите од двете истражувања покажува дека дошло до двојно зголемување на присуството и користењето на оружје за време на последниот инцидент.  

Ова зголемување може да се доведе во врскасо настаните од 2001 година. Имено, во криминологијата е присутна тезата, дека присуството на финасиски проблеми кај голем број граѓани, како и зголемувањето на поседување на оружје, доведуваат до пораст на насилничкиот криминалитет, а во таа категорија спаѓа и семејното насилство. Во нашата држава се исполнети и двата услова и беа присутни во времето помеѓу двете истражувања: нјаголем број од граѓаните се судираат (и се уште) со финасиски проблеми, а во 2001 година дојде до зголемување на нелегалото оружје во посед на граѓаните. Оттука, може да се претпостави дека  двојното зголемување на присуството на оружје во време на последниот инцидент се должи на тие фактори.

Динамика на насилство

 

Прва фаза:        Зголемување на тензијата
  • насилникот е фрустриран и станува се повознемирен, љубоморен и вербално навредува;
  • тензијата помеѓу партнерите се зголемува;
  • жртвата не го признава стравот, ниту лутината и постоењето на насилството;
  • жртвата можеби ќе ја преземе одговорноста за било кој проблем и ќе се труди да го одржи мирот.
Втора фаза:     Стадиум на акутно насилство
  • тензијата станува неподнослива за жената;
  • насилството е најсилно во ова време. Често жртвата и насилникот контактираат со полицијата, и/или советниците;
  • во овој период главна цел на жртвата е да го преживее насилството; бегањето се чини невозможно жртвата често станува молчелива надевајќи се дека “бурата ќе престане”;
  • жртвата може да прејде на страна на насилникот и да не соработува со никој којшто сака да  помогне.
Трета фаза:     Стадиум на меден месец
  • насилникот се кае и често е многу љубезен и пријатен.
  • насилникот ветува дека ќе се промени и дека повеќе нема да се случи истото.

Иако третата фаза изгледа како фаза во која жртвата може да здивне и да се опорави од долготрајното претходно насилство, најчесто  насилникот набргу продолжува со уште поголеми бруталности, со што жртвата се наоѓа во поголема опасност затоа што таа, мислејќи дека насилникот навистина  се поправа, не е подготвена за таков акт.

Иако кругот на насилство во повеќе средини се смета за застарена форма на опишување на семејното насилство, сепак тој претставува прегледен начин на прикажување на најчестиот начин на појавување на насилството во домот и меѓу партнерите. Прифаќаме дека кругот на насилство не е единствениот начин или пак начин универзален за сите индивидуални случаи на семејното насилство, т.е. не мора да значи дека сите случаи на семејно насилство мора да се одвиваат по овие зацртани фази.

Според искуствата на жените жртви на семејно насилство, се случува и во периодите на меден месец да се чувствува насилството, или пак овие периоди потполно се заобиколуваат – не се манифестираат, особено тогаш кога малтретирањето се зголемува. Тогаш имаме насилство без престан кое најчесто завршува со многу тешки последици, неретко фатални по жртвата.

Последици од семејно насилство

 

Директни знаци на физичко злоставување
Жената која доаѓа на лекар веднаш по епизодата на злоставување најчесто ги покажува следниве знаци на физичко злоставување:
  • Повреди на лице
  • Повреди на градниот кош, градите и абдоменот, односно деловите од телото покриени со облека
  • Крвни подливи и гребаници на телото
  • Дислокации, фрактури од удар, фрактури
  • Изгореници од различен степен
  • Повреди од нож или други повреди
  • Внатрешни повреди ( крварење)
  • Видливи знаци на давење на вратот ( прсти, жица, колан, пешкир)
  • Заби извадени со удар
  • Повреди на ушното тапанче
  • Повреди на гениталиите

Во 40% од случаите, сексуално злоставуваните жени страдале од повреди како што се:

  • Гребаници и контузија на градниот кош, на носот и на лицето
  • Вагинални и перинални повреди( 50% од жените)
  • Сексуално преносливи болести како што се кламидија и гонореа (од 4% до 30% од злоставуваните жени)
  • Кај околу 5% од жените, сексуалната злоупотреба резултирала со несакана бременост ( Бурге, 1977)
 
Психолошки последици на злоставувањето
Насилството може да доведе до бројни психолошки последици. Следниве знаци исто така можат да укажат на злоставување:
  • Напнатост, нервоза, чувство на слабост
  • Страв ( за себе, нејзиниот живот, животот на луѓето кои таа ги сака)
  • Чувство на срам
  • Чувство на вина
  • Запоставување на себеси
  • Губење на самопочит
  • Невротични реакции ( депресија, нервоза, напади на паника )
  • Пореметување на спиењето ( несоница, кошмари)
  • Пореметување во исхраната ( анорексија, булимија, лоша исхранетост, дехидратација )
  • Злоупотреба на алкохол и дроги
  • Проблеми со концентрација
  • Дезориентираност
  • Расеаност
  • Недостаток на толеранција и трпение
  • Агресивно однесување кон себе и кон другите
  • Обид за самоубиство
  • Сексуални проблеми ( сексуално однесување обележано со присилба, подолг период на немање желба за сексуални односи)
  • Пореметување на посттрауматски стрес
 

Хронични здравствени проблеми ( психосоматски пореметувања)
Покрај акутните повреди, кај жени подложени на насилство има повисока стапка на застапеност на хронични здравствени проблеми. Се јавуваат следниве соматски симптоми:

  • несоница
  • замор
  • гастроинтестинални пореметувања
  • предменструални симптоми
  • болка во мускулите
  • анемија
  • чести мигрени и главоболки
  • немање контрола на мокрењето
  • дијареа
  • респираторни проблеми
  • срцебиење
  • доколку жената е бремена, има поголема стапка на предвремени раѓања или мала тежина на новороденчињата

Знаци на општествена злоупотреба

  • немање толеранција и трпение
  • немање општествена мрежа на контакти
  • дезориентација
  • фиксација на идејата дека партнерот ќе се измени
  • обид за самоубиство
  • чувство на вина

Теории на семејно насилство

 

Теоретски концепти за семејното насилство
Во теоријата егзистираат два пристапа за објаснувањето на насилството во семејството, посебно во бракот. Според првиот пристап, насилството во бракот се третира како индивидуална појава и се објаснува со поединечни причини за нејзиното настанување. Во овој пристап поистакнати се психолошката, медицинската и социопсихолошката теорија.

Карактеристично за вториот принцип  е дека  и насилството во бракот се третираат како општествени појави, чии корени се наоѓаат  во општествената структура, а се детерминирани од голем број на фактори кои, во крајна линија, го определуваат односот на општеството кон жената. Во рамките на овој пристап најзначајните се социолошкиот и феминистичкиот концепт.


Психолошки пристап
Веќе споменавме дека во рамките на овој пристап насилството во бракот, односно во семејството, се третира како индивидуална појава, која е резултат на делувањето на одредени психолошки и психопатолошки особини на сторителот (насилникот) и на жртвата (жената). Како такви особини се истакнуваат слабата контрола, неразвиеното его и фрустрациите во детството кај мажот (насилникот) и мазохизмот кај жената (жртвата).

Во поновите психолошки теории се истакнуваат теоријата на научена безпомошност и теоријата на преживувања.

Теоријата на научена беспомошност го дава објаснувањето: зошто жените стануваат жртви  на насилство и како процесот на виктимизација ги спречува да излезат од насилничкиот однос. Објаснувањето е во изостанувањето на ефекти од нивното реагирање на насилството, која предизвикува состојба на депресија и страв, односно состојба на немоќност, кое резултира со убедувањето дека жената неможе да има контрола врз сопствениот живот. Оваа состојба е потенцирана и со фактот на социјализацијата на жената според модели на патријархално уредување на односите во бракот и семејството, чиј резултат е и верувањето на жените дека немаат контрола врз сопствениот живот.

Теоријата на преживување се јавува како резултат на критиката на теоријата на научена безпомошност. Суштината на оваа теорија е дека жените активно одговараат на насилството, бараат помош, односно ја изразуваат потребата од општествена подршка и помош. Изостанувањето на општествената помош и подршка жената ја прави пасивна во однос на прекинувањето на насилната врска.  Ескалацијата на насилството ја тера жената да бара помош. Значи не се работи за пасивен однос на жртвата на насилството, туку за отсуство на помош и подршка.

Тоа е и основната разлика со теоријата на научената беспомошност.

Во рамките на индивидуалистичкиот пристап се наоѓа и објаснувањето на насилството во бракот и семејството со медицинската теорија, која се занимава со поврзаноста и улогата на алкохолот во насилството во бракот. Помеѓу  приврзаниците на оваа теорија, се исполаризирани две основни гледишта: едното смета дека алкохолот е причина за насилството во бракот,  додека пак другата група автори сметаат  дека алкохолот влијае, односно придонесува за насилството во бракот, но не може да се смета за негова причина.  

Во рамките на вториот пристап, насилството во бракот се третира како општествена појава мултифакторски детерминирана. Позначајни теории во рамките на овој пристап се: економската теорија, социолишкиот и феминистичкиот концепт.

Според економската теорија, причините за насилството во бракот се врзуваат за лошите материјални услови – невработеноста, лошата материјална состојба, лошите станбени услови, голем број на деца итн. Основна слабост на оваа теорија е што не е во состојба да го објасни насилството во услови на благосостојба, како и фактот дека лошите материјални услови не секогаш се поврзуваат со насилството во бракот.

 

Социолошка теорија
Појдовна позиција на приврзаниците на социолошката теорија е дека семејството е општествена институција, врз која, како впрочем и врз секоја друга институција, влијаат голем број на општествени фактори. Во тие рамки, семејното насилство како општествена појава е резултат на делувањето на бројните општествени фактори. Согласно на таквиот пристап, а во врска со објаснувањето на насилството на семејството, се сретнуваат четири концепти:
а) општа системска теорија: насилството во семејството го третира како производ на делувањето на голем број на општествени фактори, меѓу кои се истакнуваат нормативната стрктура, цртите или особините на личноста, конфликтите и фрустрациите.
б) Теорија на ресурси: семејството како и сите останати општествени системи  се темели на закани со сила  од страна на тој што ги контролира ресурсите (општествени, економски) и е во позиција да контролира и наредува, па дури и да користи сила. Во рамките на семејството, мажот е тој којшто ги контролира семејните ресурси, а тоа му дава можност во одредени ситуации тоа контролирање да го прави и преку користење на сила.
в) Теорија на суб култура: појдовна позиција на оваа теорија е дека општествените норми и вредности упатуваат на насилство во семејството. Тоа значи дека насилството е одобрено односно покриено со вредности, кои се фаворизирани од одредени делови на културата на некое општество.
г) Теорија на размена и социјална контрола: оваа теорија претставува спој на две теории, преку што насилството во семејството се третира како размена на агресија, во чија основа лежи принципот на награди и трошоци. Тоа значи дека насилството се случува тогаш кога наградата (користа што се добива) од насилството за насилникот е поголема од губитокот (трошоците).

 

Феминистички пристап
Овој пристап се засновува на критиките на постојните теории. Појдовна позиција е дека, семејното насилство е општествена појава, чие настанување и опстојвуање се објаснува со неколку основни категории: разлики помеѓу родот и полот, моќ, контрола, влијание и патријархат.

Презентираните теории, независно од појдовниот пристап, не се во состојба во целост да го објаснат насилството. Ниту една теорија поединечно не дава одговор на сите прашања што се поставуваат и го објаснуваат насилството во семејството во целина. Секоја од нив објаснува  по еден или повеќе аспекти на појавата, но не и појавата во целина. Ова говори за комплексноста и сложенотста на семејно насилство, но и за нејзино истражување, како и градењето стратегија за нејзино сузбивање и спречување.

Митови и факти

 

Кога луѓето не располагаат со вистински факти за одредена појава, настанува специфичен облик на уверување – мит. Тие овозможуваат прикладни, но поедноставени објаснувања на сложени социјални појави. Кога се повторуваат доволно често, стануваат ,,општоприфатена мудрост,, и добиваат привид на добро втемелени факти.

Семејното насилство, особено насилството врз жените, го следат бројни митови кои се темелат на уверувањето дека такви работи им се случуваат на другите. Тешко е да се променат бидејќи се чини, содржат зрнце вистина. Обезбедувањето на вистински информации за тоа што е, а што не е вистина е важен дел од јавното делување во борбата против семејното насилство.

Се издвојуваат неколку заеднички карактеристики за сите митови за кои се смета дека го помагаат нивното создавање и одржување:

  • Намалување на значењето на проблемот, одрекување на општествената одговорност
  • Префрлање на одговорноста на самата жртва
  • Изнаоѓање надворешни причини со кои се објаснува насилното однесување на мажите
  • Прифаќање на состојбите, неверување во можноста за промена


МИТОВИ И ФАКТИ ЗА НАСИЛСТВОТО ВРЗ ЖЕНАТА

– МИТ: Жртвата го предизвикува насилството
– ФАКТ: Насилството го предизвикува злоставувачот. Тој е одговорен за своите постапки

– МИТ: Жртвите уживаат во насилството. Да не е така, би заминале од злоставувачот
– ФАКТ: Никој не ужива кога е злоставуван

– МИТ: Насилството во семејството и меѓу партнерите е нивна приватна работа
– ФАКТ: Насилството во семејството е сериозен општествен проблем

– МИТ: Ако жртвата го напушти злоставувачот, насилството ќе престане
– ФАКТ: Повеќето жртви се во поголема опасност откако ќе го напуштат злоставувачот

– МИТ: Зачестеноста на семејното насилство е претерано нагласена, тоа и не е така голем проблем
– ФАКТ: Без оглед на статистичките показатели, семејното насилство е значаен општествен проблем

– МИТ: Жените се исто насилни како и мажите
– ФАКТ: Мажите се значително почести сторители на насилство во семејството

– МИТ: Злоставуваните жени одбираат насилни партнери. Дури и ако го остави насилникот ќе најде друг кој повторно ќе ја тепа
– ФАКТ: Иако некои од злоставуваните жени повторно наоѓаат насилни партнери, жените не ги бараат и не стремат кон насилен однос

– МИТ: Физичкиот  напад од мажот врз партнерката е изолиран настан и веројатноста за повторување е мала
– ФАКТ: Физичкото насилство е дел од сложениот образец на моќ и контрола во партнерскиот однос

– МИТ: Насилството меѓу партнерите најчесто се сведува на малку ,,подбутнување,,
– ФАКТ: Насилството меѓу партнерите вклучува разни облици на физичко загрозување

– МИТ: Ако мажот ја тепа жената, мора да е ментално болен
– ФАКТ: Менталната болест не е предуслов за семејно насилство

– МИТ: Мажот кој само се заканува со физички напад, не е злоставувач
– ФАКТ: Заканите претставуваат специфичен облик на злоставување

– МИТ: Мажите што се насилни не можат да си помогнат
– ФАКТ: Мажите можат да го сменат своето однесување

– МИТ: Брачните тепачки не се сериозни.Тоа се случува во секој брак
– ФАКТ: Брачните тепачки се сериозни и бараат сериозно внимание на општеството

– МИТ: На децата им е потребен таткото иако е насилен кон нивната мајка. жената за доброто на своите деца треба да остане со партнерот
– ФАКТ: Со растење во такво семејство, децата учат да бидат насилници

– МИТ: Љубовта не исклучува насилство
– ФАКТ: Насилството и љубовта не одат заедно


МИТОВИ И ФАКТИ ЗА СЕКСУАЛНО НАСИЛСТВО

МИТ

Повеќето случаи на силување се случуваат во темни улички, среде ноќ.

ВИСТИНА

Само 9% од пријавените случаи на силување се случуваат надвор од домот, а повеќето од случаите на силувани жени се жени силувани во својот сопствен дом.

МИТ

Најчесто силуваат непознати мажи.

ВИСТИНА

Во 83% од случаите жените се силувани од маж кого го познаваат и кому му веруваат. 20% од тој број го сочинуваат нивните “дечковци”, а 33% сопрузи/ вонбрачни партнери.

МИТ

Лицата кои силуваат е лесно да се откријат: тие се перверзни личности, кои се истакнуваат со својата појава, изглед и однесување.

ВИСТИНА

Не постои модел на типично лице кое е склоно кон силување. Истражувањата покажуваат дека мажите кои силуваат жени доаѓаат од сите општествени слоеви. Нив не можеме да ги препознаеме по некој специфичен начин на облекување или однесување. Освен тоа, според некои истражувања на само 2% од мажите обвинети за силување им е потребен психијатриски третман.

МИТ

Жените го предизвикуваат силувањето со својата облека или со своето однесување .

ВИСТИНА

Сите жени можатда бидат силувани, без разлика на возраста, физичкиот изглед, начин на облекување или однесување. Било како жените да изгледаат,  и било како да се однесуваат тие, одговорноста е на насилникот кој силува.

МИТ

Кога жената би останувала дома, а не би одела наоколу, на неа тоа не би  се случило.

ВИСТИНА

Во најголем број од случаите, жените се силувани во својата куќа или во куќата на насилникот кој ја силвуал, кој најчесто е нејзин познаник.

МИТ

Доколку жената не е сериозно физички повредена, малку е веројатно дека таа била силувана.

ВИСТИНА

Во 87% од случаите на силување е вклучена заканата по живот, и жените не се ни осудуваат да се бранат. Истражувањата покажуваат дека во повеќе од 50% од случаите на силување имало закани со оружје.

 

  • Семејно насилство
  • Пријави и побарај помош
  • Кампањи
  • Истражувања и извештаи
  • Донирај
  • Вести
  • Контакт
Copyright 2020 © Семејно Насилство
  • Семејно насилство
    • Што е семејно насилство?
    • Заштита од семејно насилство
    • Изјави на жртви
  • Пријави и побарај помош
    • Центар за правна помош
    • Водич за постапување
    • Национална стратегија
    • Закони и подзаконски акти
    • Протоколи за постапување
  • Кампањи
    • Печатени материјали
  • Истражувања и извештаи
  • Донирај
  • Вести
  • Контакт
  • Login
  • Newsletter

Login

Lost your password?