СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ – МОЛЧЕЊЕТО НЕ Е ЗЛАТО. ПРИЈАВИ ГО СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО

Резултатите од последното истражување за семејно насилство: “Живот во сенка”, објавено во 2007 година, укажуваат на висока застапеност на оваа појава во земјата. Според истражувањето, дури половина од жените во земјава трпат психолошко насилство, секоја петта жена е жртва на физичко насилство, кое е второ по застапеност, а секоја десетта жена е жртва на сексуално насилство.
Семејното насилство сеуште претставува тема за која многу тешко се говори. Дури и тогаш кога се проговара за насилството, тоа останува во најтесниот круг на жртвите-нивните семејства. Присутните традиционални односи и вредности во бракот и семејството, во кои за мажот е обезбедена доминантна позиција, која вклучува контрола врз жената, а не го исклучува насилство, за жал се прифатени и одобрувани од жените. Најпоразително е сознанието дека секоја трета жена прифаќа, односно го одобрува насилството-во определени случаи. Како резултат на високо прифатените патријахални вредности, секоја петта жена екслицитно се изјаснила дека насилството во семејството не преставува криминален чин. Недоживувањето на насилството како криминален инцидент придонесува кон високата темна бројка на семејното насилство и непријавување на насилството во полиција во нашата земја. Секоја петта( 20.7%) жена жртва на насилство го пријавила насилството во полиција.