Министерот за труд и социјална политика Џељаљ Бајрами во посета на Советувалиштето за жртви на семејно насилство

Министерот за труд и социјална политика (МТСП) Џељаљ Бајрами го посети Советувалиштето за жртви на семејно насилство на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, кое функционира во рамките на Меѓуопштинскиот Центар за Социјална работа во Скопје.

Цел на посетата беше запознавање на Министерот Бајрами со досегашната работа на Советувалиштето, од неговото основање во месец април годинава. На средбата присуствуваше Марија Гелевска, заменик извршна директорка на ЕСЕ, директорот на Центарот за социјална работа Крсте Милјановски, како и претставници од МТСП, ЕСЕ, ЦСР И медиумите. Посетата беше организирана на иницијатива на Министерството за труд и социјална политика, како дел од нивните редовни активности на полето на превенција и справување со семејното насилство.

Психолошкото советувалиште претставува специјализиран сервис кој нуди директна психосоцијална поддршка за сите жртви на семејно насилство кои се подготвени да го прекинат кругот на насилството и да го променат дотогашниот начин на живеење. Корисници на услугите на истото се жените – жртви на семејно насилство, но можат да бидат и децата како секундарни жртви. Процесот на помош и поддршка се остварува преку одржување на редовни средби на индивидуално ниво или група по нивно претходно закажување. Советувалиштето работи секој работен ден (понеделник – петок) во траење од по три часа. Првичниот прием и закажување на средбите ги врши социјален работник, додека еден ден во неделата корисниците остваруваат средби со лице советувач терапевт.

Советувалиштето беше основано во месец Април оваа година, како дел од две годишен проект „Превенција и елиминирање на семејното насилство во Македонија”. Значајно е да се напомене дека овој проект е финансиски подржан од Владата на Австрија и претставува прв чекор кон имплементација на Националната стратегија за заштита од семејно насилство 2008 – 2011 усвоена од страна на Владата на Р.М. Главни спроведувачи се Здружението ЕСЕ и австриската организација WAVE. Активностите во Македонија се спроведуваат во партнерство со Министерството за труд и социјална политика.