Кампања МОЛЧЕЊЕТО НЕ Е ЗЛАТО. ПРИЈАВИ ГО СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО.

СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
МОЛЧЕЊЕТО НЕ Е ЗЛАТО. ПРИЈАВИ ГО СЕМЕЈНОТО НАСИЛСТВО.

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Р. Македонија – ЕСЕ, оваа година во рамките на традиционалното одбележување на „Меѓународните 16 дена активизам против насилството врз жените“, ќе превземе низа активности чија основна цел е запознавање на граѓаните на Р. М. со законските одредби кои го регулираат семејното насилство и формите и видот на заштитата која се обезбедува на жртвите на семејно насилство.

Резултатите од последното истражување за семејно насилство: “Живот во сенка”, објавено во 2007 година, укажуваат на висока застапеност на оваа појава во земјата. Според истражувањето, дури половина од жените во земјава трпат психолошко насилство, секоја петта жена е жртва на физичко насилство, кое е второ по застапеност, а секоја десетта жена е жртва на сексуално насилство.

Семејното насилство сеуште претставува тема за која многу тешко се говори. Дури и тогаш кога се проговара за насилството, тоа останува во најтесниот круг на жртвите-нивните семејства. Присутните традиционални односи и вредности во бракот и семејството, во кои за мажот е обезбедена доминантна позиција, која вклучува контрола врз жената, а не го исклучува насилство, за жал се прифатени и одобрувани од жените. Најпоразително е сознанието дека секоја трета жена прифаќа, односно го одобрува насилството-во определени случаи. Како резултат на високо прифатените патријахални вредности, секоја петта жена екслицитно се изјаснила дека насилството во семејството не преставува криминален чин. Недоживувањето на насилството како криминален инцидент придонесува кон високата темна бројка на семејното насилство и непријавување на насилството во полиција во нашата земја. Секоја петта жена–жртва на насилство го пријавила насилството во полиција.

Поради потребата од широка едукација и информирање за инкриминирањето на оваа појава, Здружението ЕСЕ во соработка со нашите долгогодишни соработници, Министерството за внатрешни работи, Сектор за внатрешни работи Скопје, Одделение за превенција и локални полициски станици ќе организира и спроведе Денови за информирање на граѓаните. На овие средби претставници на полицијата и претставници на Здружението ЕСЕ ќе ги информираат и запознаат сите заинтересирани со казненоправната заштита. Предмет на информирање ќе биде и постапувањето на полицијата во случаи на семејно насилство, како и заштитата која можат да ја обезбедат оние на кои им е потребна. Деновите за информирање на граѓаните за почеток ќе се организираат во четири скопски општини. За распоредот на организирање на овие настани јавноста и медиумите, дополнително ќе бидат информирани.

Еден од приоритетите на овогодинешната кампања е и презентирање на состојбите по однос на помошта и заштитата на жртвите на семејно насилство. Сознанијата добиени од истражувањето „Живот во сенка“, говорат и за низок степен на пријавување на случаите на семејно насилство во Центрите за социјална работа, иако истите согласно на Законот за семејство ја имаат примарната улога во обезбедувањето на заштита на жртвите. Воедно, низок е степенот на пријавување на случаите на семејно насилство во здруженијата на граѓани. Имено, и покрај тоа што здруженијата на граѓани се долгогодишни носители на обезбедувањето заштита на жртвите на семејно насилство, сепак нивните услуги не се доволно познати и афирмирани кај пошироката јавност.

Оттука, и потребата во рамки на овогодинешната кампања да го промовираме првото психолошко советувалиште за жртви на семејно насилство отворено од страна на нашето здружението во април оваа година. Станува збор за специјализирано советувалиште кое нуди директна психосоцијална поддршка и третман за сите жртви на семејно насилство кои се подготвени да го прекинат кругот на насилство. Истото нуди повеќе видови на помош и тоа во домените на превенција, советување и кризна или посттрауматска интервенција. Специјализираната помош, поддршка и третман која ја обезбедува советувач /терапевт е дадена на вкупно 16 жени кои се обратиле за ваков тип на помош.

Имајќи предвид фактот дека повеќето жртви на семејно насилство се соочуваат со сериозни трауми и последици по нивното психичко здравје како резултат на насилството, повеќе од важно е запознавањето на јавноста со постоењето на овој вид за заштита.

Оваа година Здружението ЕСЕ се приклучи кон напорите на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА за интервенирање и превенција по однос на насилство врз деца и лица со интелектуална попреченост, воопшто. Со одбележување на Меѓународниот ден на лица со попреченост (3 декември), преку промовирање на кампањата за превенција од малтретирање на децата со попреченост, за прв пат ќе се проговори за насилството врз лицата со интелектуална попреченост во нашата земја.

За подетални информации Ве молиме контактирајте ја:
Марија Гелевска, Здружение ЕСЕ
тел. 02/3298-295, локал 107 или на е-маил: humanrights@esem.org.mk.